Онкологот од Северна Каролина, Николас Де Вито, вели дека секој нов пациент, кој доаѓа во неговата клиника, е на возраст под 45 години. И неговите колеги забележале демографска промена во последните години, за што ја обвинуваат ултра преработената храна полна со адитиви и штетни состојки. Експертите апелираат покрај мастите и шеќерите, повеќе да се внимава и на самите состојки. Според нивните анализи, „здравата“ храна во поголем дел е полна со вештачки состојки, што повторно ја класифицира како ултраобработена. Тие предлагаат купувачите да се држат до производи со помалку од пет состојки, а да ги избегнуваат оние кои е тешко да се изговорат
Сè повеќе млади луѓе заболуваат од рак, тврди онкологот од Северна Каролина, Николас Де Вито. Зборувајќи за пораст на бројот на случаите со канцер кај помладите луѓе, открива дека секој нов пациент кој доаѓа во неговата клиника е на возраст под 45 години. Тој тврди дека и неговите колеги забележале демографска промена во последните години, за што ја обвинува ултра преработената храна, пишува „Дејли мејл“.
Помеѓу 1990 и 2019 година, бројот на случаи на рак кај младите луѓе низ светот се зголеми за 79 проценти, додека смртноста од таа болест е зголемена за 28 проценти. САД имаат шеста највисока стапка на заболени од рак со ран почеток, но се предвидува дека бројот ќе се зголеми до крајот на деценијата, пишува „Јутарњи лист“.
Речиси 75 проценти од храната што се консумира во САД се смета за ултра-обработена бидејќи е полна со адитиви и штетни состојки. Таму, исто така, за таа храна нема речиси никаква регулатива, наспроти студиите кои ја поврзуваат со здравствени проблеми. За разлика од САД, Европа има построги упатства и поригорозни тестирања.
Онкологот Де Вито ги повикува претставниците на индустријата и политичарите да ја заштитат јавноста од штетни производи, со построги контроли на адитиви во храната и поголема достапност на поздрав избор.
-Желбата да се заштитат луѓето од супстанции кои предизвикуваат рак и други болести треба да ја надмине партиската припадност и политичката мотивација, со цел да се надминат напорите на индустриското лобирање. Тоа беше можно со тутунот, а можно е и со храната, вели тој за СТАТ Вести.
Претходни студии покажаа дека ултраобработената храна со додадени вештачки состојки може да го промени цревниот микробиом, да ги оштети клеточните ѕидови и да предизвика хронични воспалителни болести, а сето тоа го зголемува ризикот од рак.
Доктор Де Вито, кој гледа пациенти со гастроинтестинални карциноми, како што се карционом на дебелото црево и на желудникот, вели дека храната може да игра голема улога во превенцијата.
Сличен заклучок минатата година имаше една студија која откри доследна значителна поврзаност меѓу внесот на ултраобработена храна и неколку видови на рак, вклучувајќи го и ракот на дебелото црево, дојката и панкреасот.
Експертите апелираат, покрај мастите и шеќерите, повеќе да се внимава и на самите состојки. Според нивните анализи, „здравата“ храна во поголем дел е полна со вештачки состојки, што повторно ја класифицира како ултраобработена. Тие предлагаат купувачите да се држат до производи со помалку од пет состојки, а да ги избегнуваат оние кои тешко се изговараат.
Николас Де Вито е доцент по медицинска онкологија кој примарно лекува пациенти со рак на дебелото црево и карцином на гастроезофагија. Неговото лабораториско истражување е фокусирано на имунолошка евазија на туморот и на имунотерапијата, особено во услови на метастази.