дома КУЛТУРА Започна најго...

Започна најголемата реставрација на ремек-делото на Рембрант „Ноќна стража“; Јавноста може да ја следи

Започна најголемата реставрација на ремек-делото на Рембрант „Ноќна стража“; Јавноста може да ја следи

Во холандскиот Националeн музеј во Амстердам во тек е најголемата реставрација на ремек-делото на барокниот сликар Рембрант Херменсон ван Рајн – „Ноќна стража“. По пет години истражување, осуммина реставратори почнаа да користат техники како дигитална фотографија и вештачка интелигенција за обновувањето.

„Ноќна стража“ е реставрирана најмалку 25 пати, а овој нов проект за истражување и обновување е најобемен досега. Генералниот директор на Музејот, Тако Дибитс, истакна дека јавноста сега ќе може да го следи самиот процес на реставрација, што, според него, ќе биде уникатно искуство.

Реставрацијата почнува со отстранување на лакот од сликата, ќе ја открие богатата историја на уметничкото дело на легендарниот холандски сликар. Лакот нанесен при реставрацијата од 1975 до 1976 година, ќе биде отстранет со микрофибер крпи и со памук.

„Ноќната стража“ на Рембрант од 1642 година е слика во маслена техника и е една од најраните слики што ја прикажува групата во акција.

Сликата првично е обложена со темен лак и, со годините, се насобрало прашина, така што остава впечаток дека прикажува ноќна случка, поради што во 18 век го добила името „Ноќна стража“. Изворниот наслов, според некои истражувачи, гласел: „Градските чувари на Вториот округ под команда на капетанот Франс Банинк Кок“. Називот „Ноќна стража“ првпат е употребен во запис од 1797 година.

Сликата била оштетена со нож двапати – во 1911 и во 1975 година, кога напаѓачот направил 12 резови на платното. Во 1990 година, друг напаѓач ја испрскал сликата со киселина, па благодарение на брзата интервенција на чуварот, само лакот е оштетен.

Повеќе од два милиона посетители годишно доаѓаат да ја видат оваа слика во Националниот музеј.

Exit mobile version