По одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да ги суспендира спортистите од Русија и од Белорусија, Обединетото светско борење му даде „златна“ шанса на Владимир Егоров, како највисокорангиран борач на олимписките квалификации во Баку, Азербејџан, да настапи на Игрите во Париз. Тој замина во француската престолнина со А-норма и ќе се натпреварува во категоријата до 57 килограми – слободен стил.
За неговите цели за Олимпијадата зборуваше селекторот на македонската репрезентација во борење, Бобан Данов, кој верува дека Егоров ќе „замеша прсти“ во борбите за медали. Инаку, македонскиот борач ги имаше последните подготовки во Киргистан, од каде што замина за Париз.
- Егоров работи со мене веќе шест години, во клубот „Балканец“. Работевме напорно изминативе четири години за оваа Олимпијада. Постојано трениравме, а првите големи резултати дојдоа во 2022 година, кога стана Егоров европски шампион. Тој доста се етаблираше во овој спорт и токму затоа очекуваме добар пласман во Париз, односно да замеша прсти кога се борбите за медали во прашање. Ги следевме поединечно сите 16-мина негови потенцијални противници во категоријата до 57 килограми. Со дел од нив, се има борено. Изминатиов период тренираше во Киргистан и со добра ждрепка, очекуваме и добри резултати – истакна Данов за ВЕЧЕР.
Егоров ќе настапи во првата, осминафинална, рунда на 8 август, од 11:30 часот. Борбите во репасажот се закажани за 9 август, во 11:00 часот.
(К.Т.)