Додека Европската Унија воведува санкции против Русија, увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) во Унијата годинава се зголеми за 9 отсто, во првата половина од годинава, открива истражувачката организација Центар за енергетски истражувања (CREA) со седиште во Финска. Француските медиуми, пак, тврдат дека Франција двојно го зголемила увозот на ваков гас од Русија, што ја става на врвот од списокот на земји од Унијата што увезуваат руски гас.
Ова, според Центарот за енергетски истражувања, ја направило ЕУ најголем увозник на руски ЛНГ, кој, по почетокот на војната во Украина, замени дел од значителното намалување на увозот на руски гас.
Според Центарот, ЕУ купува повеќе од половина од извезените руски количини (54 %), додека Кина купува многу помалкум односно 22 %, а Јапонија купува 18 % од рускиот течен гас.
Француските медиуми тврдат дек испораките на руски ЛНГ во Франција се зголемени за повеќе од двојно во првата половина од оваа година, од 2 на 4,4 милијарди кубни метри.
Француското Министерство за финансии и економија ги оправда овие бројки со нападите на бунтовниците Хути врз трговските бродови што пловеа низ Суецкиот Канал и бараа пренасочување на увозните маршрути. Бидејќи гасот од Блискиот Исток повеќе не може лесно да стигне до Европа, руската маршрута е активирана.
Освен Франција, најголеми увозници на руски ЛНГ се Белгија и Шпанија.
Европските земји дневно уплаќаат 664 милиони евра во рускиот буџет за купување на сите енергетски производи, главно нафта и гас, додека на почетокот од војната, просечната дневна сума надмина една милијарда евра, покажуваат податоците на CREA.