До 30 септември отворен повикот за наградата за научен потенцијал „Иван Ќостаров“ за ученици од 9 одделение

    До 30 септември отворен повикот за наградата за научен потенцијал „Иван Ќостаров“ за ученици од 9 одделение

    Отворен е повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ што конференцијата „Наука за деца“ во соработка со проф. д-р Венка Симовска, по втор пат ја распишуваат. Наградата во вредност од 30.000 денари ќе биде врачена на третата конференција посветена на науката за деца, што ќе се одржи на 18 и 19 октомври во Скопје.

    Повикот е отворен за учениците од 9 одделение со страст за науката. Еве кои се критериумите на организаторот:

    1. да сте ученик/ученичка во 9 одделение во основно училиште во земјава;
    2. да ни кажете што сакате во науката, зошто и како мислите дека науката може да придонесе за вашиот личен или за развојот на општеството;
    3. да ни кажете кои се постигнувањата со кои најмногу се гордеете;
    4. да ни кажете за што би ги употребиле средствата од наградата и зошто ви е важно тоа.
    Внесете го тоа во овој формулар.

    „Наука за деца“ преку оваа награда би финансирала опрема за експерименти и други научни проекти, учество на обуки и курсеви, трошоци за меѓународни натпревари… Со други зборови, тоа што вие сметате дека ќе има големо значење за развој на вашиот личен научен потенцијал. Наградната сума може да се искористи еднократно или за повеќе намени, но задолжително во текот на една година од денот на доделувањето.

    Повикот за наградата „Иван Ќостаров“ е отворен до 30 септември. Стручно жири составено од научниците што стојат зад „Наука за деца“ ќе ги оценува апликациите, а одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 18 октомври.

    Наградата го носи името на Иван Ќостаров, кој е роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 година. Иван имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал бројни и разновидни интереси, но особено уживал во природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа.

    The post До 30 септември отворен повикот за наградата за научен потенцијал „Иван Ќостаров“ за ученици од 9 одделение first appeared on УМНО.МК.

    Exit mobile version