Димитар Зози е роден во 1952 година во Битола. Тој беше македонски театарски, филмски и телевизиски глумец.
Димитар Зози се запишал на Високата музичка школа во Скопје, отсек за драмски актери, во класата на професорот Илија Џувалековски. А само една година по завршувањето на школата во 1977 година се вработува во Драмскиот театар во Скопје.
Во почетокот на кариерата посебно се истакна во остварувања наменети за деца, толкувајќи ги главните улоги, како што се во познатата „Чук, чук Стојанче“ и други. Во проектите на сцената на Драмскиот театар Зози се наметна со својот несомнен талент, со смислата за живи опсервации, со маркантната сценична појава и со изострено чувство за лично боење на текстот. Неговите позначајни остварувања се во: „Хамлет“, „Непокор“, „Чудото на Св. Ѓорѓија“, „Карамазови“, „Харем“, „Од првиот здив‘, ‘Ревизор‘ и др. Играше и во: „Тетовирани души“, „Свадба“, „Бура“, „Калигула“, „Исповед на лудиот“, „Хамлет од Долно Гаштани“. Димитар Зози оствари и повеќе улоги во македонските филмови, и тоа во: „Македонскиот дел од пеколот“, „Јад“, „Пресуда“, „Виновник“, па се’ до последниот, „Тајната книга“ на режисерот Владо Цветановски.
Димитар Зози останува да важи и како еден од последните театарски боеми за кого театарот беше се’, дом и семејство, сон и реалност.
Починал во Скопје на 26 септември 2010 година.
The post Денес се сеќаваме на нашиот истакнат актер Димитар Зози appeared first on ekran.