дома КУЛТУРА Сцена Денес роденде...

Денес роденден прославува познатата македонската фолк пејачка Сузана Спасовска

Денес роденден прославува познатата македонската фолк пејачка Сузана Спасовска

Сузана Спасовска е родена во Скопје на 24 август 1964 година. Таа е македонска музичка ѕвезда која од 80-тите години на XX век ја негува македонската песна и има снимено над 25 самостојни аудио, двд и видео изданија, многу видео записи со врвен квалитет, музички антологии, самостојни концерти и има настапувано на речиси сите фестивали. Нарекувана е „Сузе Национале“, „златното грло“, „славејот македонски“, „наследничка на Васка Илиева“ . Позната е по своите уникатни настапи и кореографии.

Уште од дете настапувала во голем број хорски ансамбли и пејачки групи (на 11 години членува во детскиот хор „Развигорче“, солист во пионерскиот дом „Карпош“, Младинскиот хор „25 Мај“…“ Почетоците на професионалната кариера се поврзани со членување во пејачката група „Сирма“, како и со забавните групи „Калиопи“ и „Макакус“.) Почетоците започнуваат со првите снимки за Продукцијата на МРТВ во ’86 и ’87, потоа настапот на манифестацијата „Студентско лето ’87“ во Маглај, Босна и Херцеговина. Следната година ја објавува првата касета со наслов „Земи ме“, настапува на Фолк Фест Валандово ’88 и тогаш нејзината кариера започнува да оди нагоре. Следува првата турнеја во Австралија, Канада, Германија, Шведска… Од тогаш, Сузана забрзано чекори по патот на македонската песна, учествувајќи речиси на сите фестивали и манифестации, освојувајќи високи и значајни награди. Подоцна постигнува извонредна пејачка кариера, изведувајќи неколку стотици народни и авторски фолк песни.

Крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите се мошне значајни за кариерата на Сузана Спасовска. Редовно, тема на разговор се нејзините настапи, сценскиот изглед и вокалната интерпретација. Забележани и значајни се нејзините настапи на Фолк Фест Валандово, кога најмногу од сè, публиката се интересира „Како ќе биде облечена Сузана Спасовска?“ Како најголем хит на овој фестивал во тоа време се издвојува нејзината „Кога љуби мома млада“.

Прва ги воведува високите потпетици и прва се појавува со високи чизми, перики во разни бои и кратки дзолништа. Прва прави револуцијата на македонската сцена и остава впечаток кај публиката после секој настап. Сузана создава креативен печат, изграден врз чувството на иновативност и креативност за комплетен уметник. Тогаш се раѓа Сузе Национале.

Во тој период соработува со најголемите автори и музичари во Македонија. За неа песните ги пишуваат: Хилми Билбил, Мате Грујовски, Димитар Чемков, Љупчо Трајковски-Фис, а најдолго Тодор Трајчевски со кого има остварено долга и значајна соработка. Редовно настапувала на сите фестивали: Валандово, Цветници, Фолк Хит, Гоце Фест, Песна на летото, Охридски трубадури, Интерфест… Незаборавни рефрени кои се врежани во меморијата на публиката од тие фестивали се: Марко, Марко изведена на Цветници, Зошто лажеш и Кога љуби кома млада на Валандово, Чудна судба на Фолк Хит… потоа, „Јас бев твоја робинка“, „Стара мајко“, „Супер пар“… Во нејзин стил, а сепак поразлично од сè претходно, меѓу најпознатите песни е љубовната и веќе легендарна „Ти верував до крај“ изведена на Цветници, која многумина ја нарекуваат Минисимфонија, а со неа дел „открија“ дека Сузана знае да пее.

Во почетокот на деведесеттите објавува два хитовски албума: „Јас бев твоја робинка“ во 1992. и „Стара мајко“ во 1994., кои ги овековечи со солистички концерти во Универзална сала, и тоа: еден по друг во ’92 и рекордни четири концерти во ’94.

Единствено за неа е напишана театарската претстава „Кој ја уби Сузана Спасовска“, која во тоа време беше изведувана по неколкупати во сите градови.

Има одржано и концерто во Домот на синдикати во Белград, изведувајќи само македонски народни песни, рушејќи ги бариерите и стереотипите за неможноста одржување концерти на пејачи од Македонија во Србија.

Неочекувано за неа е објавувањето на албумот со староградски народни песни во 1996 год., „Староградски бисери“, истакнувајќи го нејзиниот лирски глас. Нејзината оригиналност повторно ја води кон целовечерен концерт во Универзална сала, интерпретирајќи само староградски песни.

Еден од најзначајните настапи во нејзината кариерата е настапот како гостин на прошталниот концерт на легендарната Васка Илиева, по повод „50 години песна“, изведувајќи ја вековната и тешко болната „Судбо моја“. Тогаш, го добива од неа аманетот да продолжи по патот на народната песна и да ја пее насекаде низ светот, па така, кариерата намерно или не, оди по тој пат.

Во 2001 година го објавува хитовскиот албум „Бомба“ кој и овој го прави за сечиј вкус. Дводимензионално-песни во модерен фолк ритам и патриотска тематика. На албумот, народот како најголем хит ја издвојува „Гордо Македонијо“ која во тие судбински денови си го наоша својот пат. Па така, Сузана продолжува да снима песни со родољубива и патриотска тематика: Стани Македонијо, Наша татковино, Столетна, Александар Цар Македонски, Пусти да се тие граници…

Паралелно ја негува и трудовата тематика, па ги изведува композициите: Печалбарска елегија, Празничка, Македонска крвава свадба, Бериќет, а меѓу најголемите хитови се издвојува и веселата „Здравоживо домаќини“, изведена на Фолк Фест Роса 2003.

Во тој период уште еден значаен настап е во Опера Хаус-Сиднеј заедно со Танец, по повод 100 години Илинден. Паралелно настапувала и снимала во Бугарија, и во 2004 год. го објавува заедничкиот албум со Васко Лазаров, „Балканска истина“. Неколкупати има забележано учество на фестивалот за народна музика, „Пирин Фолк Сандански“.

Низ кариерата, посветува композиции на значајни ликови од музиката, овековечува трагични настани, пее за празници… Посветува песни за Тоше Проески, Гоце Николовски Владиката Кирил, за загинатите кај Вејце и Шар Планина, но им дава важност и на празниците, пеејќи песни како: Божиќна, Песна за Водици, Илинденска, Велигден сè до Спасовден…

Има забележани дуети снимени со повеќе пејачи, почнувајќи од Мишко Талески („Верувај во овој живот”,„Навек векуваш Македонијо”,„Прочка”, „Вечнаја памјат владико Кирил” и др.), Наум Петрески („Животот е многу убав”, Пеј, бистро пеј”, „Невено, Невенке”, „Цветините очи черешови”, ”Лино, моме Лино”), со Ефто Пупиновски („Ќе се женат другари”), со Миле Кузмановски („Што спечаливме”, „Ацано млада невесто“), со Спасен Силјановски („Мерак песна”), гр. Свадбари („Свадбарска”), Борис Чоревски („Печалбарска балада”, „Столетна”), Дарко Нечовски („Бог го има секој клуч”), Новица Василевски и Група Биоритам („Назад, назад, Калино моме”, „Девојко мори убава”), Група Академци („Петка, глава“), Оливер Додев („Имала мајка рани две“), како и уметникот од Бугарија – Васко Лазаров („Балканска вистина“, снимена и на бугарски јазик-Балканска истина“, „Терзиче младо”, „Еден е животот”, „Пусти да се тие граници”), вклучувајќи ги и дуетските цедиња со Цане Петров („Бакрдан”), Гоце Џуклески („Тоа сме ние”), Зоран Џорлев („Виолина и глас”), Балканска истина (дуетско цд со Васко Лазаров за бугарски пазар), Антологиско цд, заедно со Душко Георгиевски, Виолета Томовска, Наум Петрески, Нино Величковски…

Сузана Спасовска гостувалa речиси низ целиот свет: САД, Канада, Европа, Австралија, а имала и настапи на врвни светски сцени, како: Ватрослав Лисински – Загреб, Дом на синдикати – Белград, Цанкарјев дом – Љубљана, Брукс центар – Мелбурн, Опера хаус – Сиднеј и др. Почнувајќи од 1986 до 2024 година, таа има издадено повеќе од 21 албум.

Во организација на „Роса продукција“, на 4 март 2016 година, Спасовска одржа голем јубилеен концерт по повод 30 години од нејзината музичка кариера.

Редакцијата на „Екран“ ја користи оваа прилика да и го честита роденденот на Сузана Спасовска и да и посака многу здравје, уште многу нови песни, настапи и јубилеи.

 

The post Денес роденден прославува познатата македонската фолк пејачка Сузана Спасовска appeared first on ekran.

Exit mobile version