Седум банки, вклучувајќи ги Лојдс и Баркли, ги споделуваат своите податоци со Британската агенција за организиран криминал (NCA) во глобалната истрага за перење пари. НЦА наведува дека истрагата се спроведува за прв пат во таков обем низ светот, пренесува Ројтерс.
Проектот беше лансиран во мај и веќе доведе до идентификување на осум нови криминални мрежи кои би можеле да го злоупотребат глобалниот финансиски систем за свои цели. Покрај тоа, британската агенција откри нови разузнавачки информации поврзани со нејзините 10 најголеми истраги во текот на овој проект.
Според договорот, персоналот на банките работи со NCA на формирање заеднички тимови за следење на сомнителните движења на пари низ банкарскиот систем. Банките генерално не сакаат да споделуваат податоци за клиентите поради страв од прекршување на европските закони за заштита на податоците и приватност.
Во конкретниот случај и банките и НЦА тврдат дека се работи само за сметки на клиенти со „повеќе јасни показатели за економски криминал“, додека податоците на другите корисници не се загрозени, пренесува Танјуг.