Прилепскиот гимназијалец Петар Мирчески ѝ го донесе на земјава сребрениот медал од Олимпијадата по хемија, која се одржа во Ријад, Саудиска Арабија, од 21 до 30 јули.
Целиот македонски тим покажа завидни резултати на оваа Олимпијада: Марио Ванчоски и Иван Костевски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип и Елена Живаљевиќ од „Јахја Кемал“ од Скопје.
Мирчески со тимот утре го очекува приемот кај претседателката Гордана Сиљановска- Давкова. Тој го освои сребрениот медал во конкуренцијата на 330 натпреварувачи од 84 земји.
Сѐ уште ги сумира незаборавните впечатоци и возбудувања.
– Поминавме незаборавни денови со нашите врсници од целиот свет. Натпреварите, секако, беа тешки, имавме теоретски и практичен дел, изведувавме експерименти, но возбудата беше најголема кога ги исчекувавме резултатите. Кога нè известија, особено ми беше мило, и, навистина, чувствата, возбудата не може лесно да се опишат. Гордоста е голема, зашто ова е првото сребро за Македонија од олимпијадите по хемија. Поставуваме нови рекорди за наредните години, за идните олимпијци – вели Мирчески.
Ова не му е прв медал на Мирчевски. На претходната Олимпијада по хемија, лани, во Цирих, Швајцарија, го освои бронзениот медал.
– Прво бронзен, па сребрен, секако, сега желбата е следната година да го донесеме златниот медал. Оваа е голем поттик – рече Мирчески, кој од есен ќе биде матурант во прилепската гимназија.
Гимназијата „Мирче Ацев“ е особено горда на успесите.
Овој и наредниот месец ќе се одржат уште две олимпијади, на кои имаат свои претставници.
– Големи честитки до Петар и до целиот тим, секако, и до професорите со кои работеше. Ова е вистински поттик за нашите уште двајца олимпијци. Овој месец, во Александрија, Египет, ќе се одржи Олимпијадата по информатика на која имаме врвен натпреварувач, Благој Рујаноски Стојаноски, а во септември во Пекинг, Кина, на Олимпијадата по географија ќе се натпреварува Ивана Атанасоска – изјави Весна Михаиловска, директорка на гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп.
Михаиловска упатува особена благодарност до прилепската локална самоуправа, но и до нивни поранешен ученик, кој сакал да остане анонимен.
Тие финансиски помогнале да се покријат трошоците за Мирчески да учествува на Олимпијадата во Саудиска Арабија, од каде што го донесе сребрениот медал за земјава.