Недостигот на работна рака во моментов останува еден од главните проблеми на македонското стопанство. Иселувањето си го прави своето, а тука е и проблемот што тешко може да се обезбеди и некој поголем увоз на работна рака од странство, затоа што поради ниските плати Македонија е понеатрактивна за разлика од некои наши соседни држави. Експертите коментираат дека газдите се научија на евтина работна сила и мислеа дека тоа ќе биде вечно, но се покажа дека не е така. Велат каде се сега тие газди што викаа ако не ти одговара оди си има други што ќе работат за таа плата. Синдикатите, пак постојано апелираат дека мора да се зголеми минималната плата, како и останатите плати во државата за да може да ги задржиме барем оние работници кои останаа до државата.
-Целата концепција на ниски плати го намали мотивот за работа. Газдите се научија на евтина работна сила и мислеа дека тоа ќе биде вечно, но не е така. Се надеваа на увоз на работна сила од надвор, но и тоа не им успеа. Странците доаѓаат и веднаш си одат. Ваквата состојба се должи на повеќе фактори, поради поделеноста на синдикатите и борбата на работниците за повисоки права и скржавоста на газдите. Сепак, главна причина за миграција се ниските плати и може слободно да кажеме дека газдите со ниските плати ги избркаа младите од државата. За да се подобри состојбата на работниците и нивниот стандард потребна е целосна промена на системот, изјави за весникот ВЕЧЕР економскиот експерт и универзитетски професор, Јован Пејковски.
Според него, сега газдите се во подобра состојба, а работниците имаат ограничени права за разлика од порано кога постоеше општествена сопственост. Тоа е така и поради фактот што поголем дел од профитот на компаниите оди во џебовите на газдите, а помал дел кај работниците за плати.
– Потребен е нов општествен договор за зајакнување на положбата на работниците. Со овој договор ќе им се овозможи на работниците да бидат акционери и партнери во компаниите, а не само работници. На тој начин ќе бидат повеќе мотивирани да работат. Градењето на партнерски однос помеѓу газдите и работниците е клучот на задоволни работници, успешни компании и напредна економија, вели Пејковски.
Синдикатите, пак постојано апелираат дека мора да се зголеми минималната плата, како и останатите плати во државата за да може да ги задржиме барем оние работници кои останаа до државата.
– Покрај зголемување на минималната плата, треба процентуално да пораснат и останатите плати. Таму каде што има колективни договори, сите плати треба да растат скалесто, а не само минималната плата. Меѓутоа, газдите не го прават тоа и сметаат дека треба да се зголеми само минималната, а не и останатите плати, изјави Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Од стопанските комори велат дека без работна рака ќе се намали и индустриското производство, профитот на компаниите, заработувачката…
-Мора да се разговара и со Владата и со синдикатите и да се изнајде решение за поддршка на стопанството во делот на зголемување на платите со цел поскапувањето на цените да не се одрази врз работниците. Исто така потребна е преквалификација или доквалификација на вработените или оние проекти кои ги имаше претходна влада за премин од државна администрација во приватен сектор. Вакви решенија можат да ја подобрат состојбата со работната сила во државата, велат од стопанските комори.
И газдите се согласни дека веднаш треба да се преземат реформи за создавање поплатени работни места, зголемување на платите, подобар животен стандард… за да функционира бизнисот.
– Кога ќе се средат проблемите кај нас и кога нема толку да заостануваме од европскиот просек на плати, се надеваме дека трендот на иселување на работната сила ќе запре. Инаку, факт е дека во државата недостигаат огромен број работници од разни квалификации. Ако имаме добра економија и европски плати, секако дека процесот на иселување ќе запре. Меѓутоа, од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите, изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
И експертите и синдикатите и газдите се согласни дека само со добра државна стратегија може да се надмине овој горлив проблем.
(А.С.)