Пост објави дека Трамп примил повик во Флорида на 7 ноември, еден ден по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Неименуваните извори наведуваат дека Трамп му рекол на Путин да не го ескалира конфликтот во Украина и изразил желба за дополнителни разговори за „рано решавање на војната“.
Путин првично реагираше резервирано на убедливата изборна победа на Трамп, пред неформално да му честита на 7 ноември.
Тој, исто така, ја пофали „храброста“ на Трамп по преживеаниот обид за атентат во јули и рече дека е „подготвен“ да разговара со него.
Упатени во разговорот за Вашингтон Пост изјавија дека Киев бил информиран за разговорот со Путин и немал никакви забелешки.
Американските, руските и украинските власти не ги коментираа наводите на Вашингтон пост.
На кампањата пред изборите на 5 ноември, Трамп тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина, но не понуди детали за тоа како има намера да го стори тоа.
Путин во септември рече дека би сакал да ја види потпретседателката на САД Камала Харис да победи на изборите, но аналитичарите тогаш рекоа дека тоа е дел од напорите на Кремљ да го избегне впечатокот дека се надеваат на победа на Трамп.
Трамп претходно сугерираше дека Украина можеби ќе треба да се согласи на отстапки поврзани со територијата за да постигне мировен договор со Русија.
Во врска со ова, сојузникот на Трамп Брајан Ланзо изјави за Би-Би-Си на 9 ноември дека администрацијата на Трамп ќе се фокусира на постигнување мир во Украина, а не на поддршка на Киев за враќање на териториите окупирани од Русија.
Извештајот на Вашингтон пост за разговорот дојде неколку часа откако Зеленски рече дека Русија истрелала 145 беспилотни летала во Украина во текот на ноќта, што е најголем број за руски ноќни напади од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.
Украина, исто така, лансираше десетици беспилотни летала насочени кон руската престолнина Москва во неделата, при што привремено беа затворени три аеродроми.
Руските сили напредуваа во последните недели, а на 10 ноември Москва соопшти дека го освоила градот Волченко во источниот украински регион Доњецк.