„Борба за души“: Како пропагандата во Македонија создавала Грци, Срби и Бугари пред 130 години

    Во книгата „Селото и селанството во Битолскиот Санџак 1878-1912“ историчарот Васко Гичевски објаснува во какви околности живее населението во овој исклучително сензитивен период, какво било образованието, зошто е важно да се објавуваат книги работени според научна методологија, но пишувани за поширока популација

    Во 19 век преовладува принципот на историското право за создавање на една држава и нејзино проширување. Но, за да докажете дека имате право да освоите некоја територија, не било доволно само да имате историски толкувања и некакви мапи произлезени од националната митоманија. Потребно било да имате и население. Заради тоа соседните држави организираат и плаќаат образовна и верска пропаганда, вели историчарот Васко Гичевски од Битола. Деновиве од печат ќе излезе неговата книга „Селото и селанството во Битолскиот Санџак 1878-1912“. Гичевски објаснува во какви околности живее населението во овој исклучително сезнитивен период, какво било образованието, зошто е важно да се објавуваат книги работени според научна методологија, но пишувани за поширика популација.

    Која територија ја опфаќа Битолскиот Санџак во денешно време и како тргна идејата за книгата?

    – Идејата за книга потекна од мојот повеќегодишен интерес кон социјалната историја, пред сè би рекол од потребата да го спознаам човекот во минатото во неговата комплетност, а не само преку воената и политичката историја. Селанството, пак, ми е посебно драга тема, бидејќи и јас самиот сум дете на селани и човек кој доколку се изземат четирите години поминати на студии во Скопје, сиот свој живот живее и работи во селото Бач, Битолско. Токму затоа беше избрана и територијата на Битолскиот Санџак, која ми е блиска и во текот на истражувањата ги посетив скоро сите населени места. Тоа е една територија која што ги опфаќа градовите Лерин, Битола Прилеп, Охрид, Ресен, Струга и Кичево, се разбира заедно со селата кои гравитираат кон овие места.

    Васко Гичевски

    Станува збор за временски распон од само 34 години. Зошто е толку важен за истражување и за историски запис?

    – Временскиот распон е ставен во функција да се ограничи временски определениот период, но и поради тоа што Битолскиот Санџак настанува во 1878 со реогранизирање на вилаетската структура и формирањето на Битолскиот Вилает. Овој период е многу карактеристичен бидејќи претставува премин кон модерноста, а сепак ние модерноста ја започнуваме носејќи ги со себе сите феудални белези, економска и техничка неразвиеност, беда и неписменост. Од друга страна пак, Османлиската Империја во овој период се позасилено се труди да се прикаже како современа европска монархија, држава која се реформира, се приближува кон европските вредности иако тоа е само на хартија. Во практиката таа до крајот на своето постоење ќе биде полуфеудална, изразито сурова теократска држава.

    Како живеело селанството во овој период? Раскажете ни еден вообичаен ден на едно семејство што живеело во Битолскиот Санџак помеѓу 1878 и 1912 година.

    – Би требало прво да кажеме дека бројот на членовите во едно семејство не е ист со оној кој го знаеме денес. Тогаш се живеело во задружни заедници, па освен потесното семејство во ист дом живеело и поширокото семејство. Најчесто едно семејство се состоело од десетина лица па нагоре. Денот го започнувале многу рано, обврските во домот ги делел најстариот во куќата односно домаќинот. Секој член имал своја определена должност, некој орал, некој ја напасувал стоката, некој одел по пазарите.

    Вршење на жито во село Бач / Архива на Гичевски

    Жените најчесто ги вршеле домаќинските работи и се грижеле за децата, но можеле да работат и полски работи во бавчите, а во време на жетва жнееле заедно со мажите. Се јаделе два оброци на ден, појадок немало, главен оброк бил ручекот на пладне и вечерата која што се служела кон зајдисонце. Селаните поседувале скромен прибор за јадење и приготвување на храна, впрочем и условите за живот не биле поволни за некаков раскош и луксуз. Се живеело во двособни или најчесто еднособни објекти, куќата се делела со животните, често постоело пренатрупаност, нехигиената била сериозна опасност и реалност. Особено во слободните мигови, нашите селани знаеле и да се провеселат со песна или со прикажување на приказни, активност кој претставувала единствената забава во ноќните часови.

    Во книгата има едно интересно поглавје: „Борба за души“. За какви души?

    – Тоа е назив, извлечен директно од историските извори и се однесува на борбата на странските пропаганди за придобивање на свои приврзаници. Во 19 век преовладува принципот на историското право за создавање на една држава и нејзино проширување. Кон територијата на Македонија свои аспирации имале Грција, Бугарија и Србија.

    Груништа, Мариово / Извор

    За да докажете дека имате право да освоите некоја територија, сепак не било доволно само да имате некакви историски толкувања и некакви мапи кои произлегле од националната митоманија. Потребно било да имате и население. Заради тоа соседните држави организираат и плаќаат образовна и верска пропаганда, која требало во Македонија да создаде Грци, Срби и Бугари. Притоа, таа пропаганда не била само мека. Се служеле и со колежи и палежи, силувања и други методи на физичка присила па така честопати ќе сретнете села кои во рок од неколку години неколкупати ја смениле својата „национална афилијација“. За македонскиот селанец кој бил неписмен тоа било комплетно неразбирливо нешто, непознавајќи го ниеден јазик на наведените држави. „Националната афилијација“ била само едно изјаснување за кое или добивате пари или избегнувате тепање и убиства. Се случувало дури и во едно семејство едниот брат да е Бугарин, едниот Србин а другиот Грк, зависно кој како бил принуден, физички или парично. Има дури и грозоморни случаи во Битола каде имало остра борба помеѓу романската и грчката пропаганда за влашко население, да се крадат и мртовци од гробиштата за соодветната пропаганда да има повеќе души на својот список.

    Посебно внимание посветувате на образованието во Битолскиот Санџак. Колку училишта имало, кој предавал, дали оделе на училиште само момчињата или и девојчињата, кои предмети се учеле пред околу 150 години?

    – Точниот број на училишта не може до крај да биде утврден бидејќи училишата ги отворале пропагандите, основни османлиски училиште едвај постоеле и во градовите, а во селата и воопшто ги немало. Поради тоа, многу често заради промена на афилијацијата едни училишта биле затворани, а други на нивно место отворани, но од друга афилијација. Колку за илустрација, во 1882 година имало 19 грчки училишта, во 1889 – 25 грчки училишта, а во 1891 – 18 грчки училишта. Најголем подем имала бугарската пропаганда која во 1905 година имала 154 училишта. Српската пропаганда пак имала десеттина училишта, кои имале сосема мал опфат на ученици.

    Печење леб во село Бач / Архива на Гичевски

    Во училиштата поважно било децата национално да се дресираат, отколку да стекнат некоја особена наобразба. Голем дел од учениците никогаш не ги завршувале заради проблемите со неразбирање на јазикот. Мнозинството од децата не ни посетувале училиште бидејќи било незадолжително, а децата биле потребни во домовите за вршење на земјоделски дејности. Дополнително, школувањето чинело пари кои селанецот најчесто ги немал. Поради тоа неписменоста е огромна, па можеме слободно да кажеме дека просечно од 10 лица, 7 биле потполно неписмени. Во училиштата се предавале сите предмети кои и денес ги знаеме од општествените, хуманистичките и природните науки, но имало и предмети од верски и морален карактер, додека девојчињата имале и предмети како што се шиење, везење итн.

    Историски, ова е многу специфичен период, време на национално освестување во цела Европа, големи промени се случувале и на Балканот, особено се одразиле на Македонија. Како се чувствувало населението во овие бурни времиња?

    – Врз населението во Македонија во тој период се прекршуваат низа законски и админстративни промени. Станува жртва на соседните пропаганди, а поради лоши економски политики, сè повеќе тоне многу длабоко во сиромаштија. Поради комплетната слика која била под секое човечко ниво, се развива отпор и кон пропагандите и кон властите. Полека се јавува стремежот за своја држава, иако на почетокот сосема бавно. Но, треба да се знае дека тие историски процеси никаде не биле брзи, праволиниски и едноставни. А најмалку можеле да бидат такви кај нас, во услови каде убиствата, сиромаштијата, болестите, насилието од физички и психолошки карактер било сеприсутно.

    Млад Брачен Пар од село Клештина / Извор

    Не за џабе Брајлсфорд, кој бил тука во периодот по Илинденското востание, Македонија ја опишал како „Темен вилет“ и „Земја на стравот“. Затоа особен подем имала и Македонската револуционерна организација, која била закрилник на селанецот кој пак за слободата има многу конкретна слика – премавнување на локалниот бег. За него тоа било врвот на слободата. Ќе помине уште долг период додека кај населението се развие доволно голема политичка свест, која дошла главно преку револуционерната агитација, за да се започне да се мисли за создавање на држава основана и уредена од угнетениот народ.

    Оро во село Негочани / Извор

    Зошто се важни вакви трудови кои имаат и научна нишка, а се разбирливи и за пошироката јавност?

    – Многу кратко и јасно кажано, бидејќи книгите се пишуваат за да се читаат и за знаењето содржано во книгата да биде од полза на сите, а не само да стане затворено во библиотека и да служи на неколкумина професионално ориентирани кон овие теми. Мојата цел и како автор и како просветен работник, не е да пишувам само за акдемската заедница, мојата главна цел е народот. Академската заедница секако ќе биде задоволна бидејќи книгата е изработена според сите научни стандарди, но за мене најголем успех ќе биде доколку темите од социјалната историја на Македонија заживеат меѓу македонскиот народ и му послужат како поука. Бидејќи минатото ни помага подобро да ја разбереме сегашноста и до некаде да си ја определиме и планираме иднината.

    The post „Борба за души“: Како пропагандата во Македонија создавала Грци, Срби и Бугари пред 130 години first appeared on УМНО.МК.

    Exit mobile version