Националната опера и балет имаше исклучително претставување пред софиската публика со изведбата на операта „Набуко“ од Џузепе Верди синоќа на сцената на Националната опера и балет во Софија, Бугарија. Аплаузи на отворена сцена, овации по завршувањето на оперската претстава добија учесниците од ансамблот на нашата Опера.
Големо медиумско внимание во бугарските медиуми доби овој настан. Ова е возвратна посета на нашата Опера по гостувањето пролетта на Софиската опера.
На изведбата присуствуваа и претседателката Гордана Силјановска-Давкова,
министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и други претставници на политичкиот врв.
Насловната улога ја толкуваше Марјан Јованоски, кој ја одушеви публиката. Во улогата на Абигаиле настапи Злата Тошевска-Димовска, Николина Јаневска ја игра Фенена, Зоран Сотиров настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие настапи Игор Дурловски. Во другите улоги настапија: Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, Хорот, Оркестарот и Балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Ова гостување е дел од договорот за соработка потпишан во ноември 2023 година меѓу националните опери на двете држави, а следува по настапот на Софиската опера и балет на годинашните „Мајски оперски вечери“ со Вагнеровата опера „Валкира“.
В.д. директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, најави разговори за проширување на оваа соработка и културна размена, што е во интерес на двете институции.
Диригент на моќното ремек-дело од Џузепе Верди е маестра Бисера Чадловска. Режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а дизајнер на светло е Милчо Александров.
„Набуко“ е лирско-драмска опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди, омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланската скала. Изведбата во Скопје е закажана за 21 септември на сцената на Националната опера и балет.
The post Аплаузи и овации за македонската „Набуко“ во Софија first appeared on УМНО.МК.