back to top
2.8 C
Skopje
11.01.2025
Google search engine

Ако се прашува министерот Дурмиши минималецот во државата треба да биде 600 евра

Со законското зголемување во март 2025 година минималната плата ќе се зголеми за 1.600 до 1.700 денари, но ако се прашува министерот за економија Бесар Дурмиши минималецот треба да биде 600 евра. Тој рече дека има пари во буџетот и политичка воља за зголемување на минималната плата, но тоа ќе се случи откако ќе се одржи седницата на Економско социјалниот совет и ќе се направат измени во Законот за минимална плата. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов смета дека со зголемување на минималната синдикална кошница алармот е вклучен, а потврда за тоа е и зголемување на минималецот во земјите од регионот.

-Наредната година во март е предвидено да се зголеми минималната плата, а поради недостиг на квалификувана работна сила во буџетот за наредната година предвидени се 6 милиони евра повеќе средства со кој ќе се обидеме да ги задржиме работниците. За да се зголеми минималната плата треба да има измени на Законот за минимална плата. Во буџетот се предвидени средства за да се зголеми минималната плата, но колкаво ќе биде зголемувањето ќе видиме во текот на јануари и февруари наредната година. Кога ќе заврши оваа година ќе се прават пресметки и тогаш ќе знаеме точно за колку ќе се покачи минималната плата, изјави министерот Дурмиши.

Во однос на барањето за зголемување на минималецот на 450 евра од страна на синдикатите и опозицијата, министерот рече дека има политичка воља.

-На почетокот на декември ќе има седница на Економско социјален совет на која ќе се отвори ова барање и ќе се дискутира со сите засегнати страни, претставници од Влада, од синдикатите, од работодавачите и екперти. Таму на маса ќе се договараме дали минималната плата може да биде 450 евра. Што се однесува до барањето на опозицијата на денот кога требаше да го брани тоа нивно барање претседателот на опозицијата не беше присутен, рече Дурмиши.

Во март ќе има законско зголемување на минималната плата и во буџетот предвидени се околу 2.000 денари за тоа, а има пари и за евентуално предвремено зголемување на минималната плата во декември како што бараат синдикатите.

-Ако во рамките на ЕСС се договориме да се зголеми минималната плата претходно треба да се смени Законот за минимална плата. Откако ќе се направат измените после може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка воља. Што се однесува до мене јас сакам минималната плата да биде 600 евра. Но, прво треба да се договорите и да видиме дали има можност и на крај ќе донесеме заедничка одлука, појасни Дурмиши.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов вели дека има позитивно расположение од страна на Владата за зголемување на минималната плата.

-Мора да направиме исчекор во однос на раст на платите, а има позитивни сигнали од страна на Владата со раст на платите во здравството и образованието. Се надеваме дека до крај на годината ќе биде исправена неправдата и ќе се зголемат платите на сите работници кои не добија усогогласување. Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна, бидејќи од 600 до 800 евра е минималната плата во Црна Гора, во Босна и Херцеговина од 1 јануари наредната година ќе биде 600 евра, во Србија е 454 евра. Кај нас минималната синдикална кошница е 62.000 евра и покажува дека платите мора да се зголемат, изјави Трендафилов.

Во државата во моментов 25 илјади работници примаат минимална плата, а 10 илјади работници земаат под минималната плата. Вкупно 37 илјади работници се до минимална или на минимална плата.

(А.С.)

Поврзани статии
- Advertisment -
Google search engine

Неодамнешни коментари